Иван од Сиднеј, Австралија: Дојдов како инженер, работам трговија – ќе се вратам како милионер!

Битола и Битолско од времиња важи за печалбарски регион. Најчести дестинации на овие Македонци се прекуокенските земји, пред сите, Австралија и Нов Зеланд.

Од европските земји, најпривлечни за Битолчани се нордиските држави, како Шведска и Данска.

Галама поразговара со нашинец, кој триесет години живее и работи во Сиднеј, Австралија.

“Се викам Иван Поповски и потекнувам од Битолското село Бистрица. Израснат сум во Битола, таму завршив основно и средно образование, се оженив, добив дете.

По професија сум машински инженер, факултетот го завршив во Скопје. Да побарам иселеничка виза за Австралија, ме натера безпарицата. И покрај тоа што јас и мојата сопруга бевме интелектуалци, со пристојни работни места, сепак, неможевме да си дозволиме многу работи што животот ги пружа.

Така, во далечната 1986 година се одлучивме да си ја пробаме среќата во оваа прекуокеанска земја.

Поради нашите стручни квалификации, речиси веднаш добивме иселенички визи, се спакувавме и отидовме.

Од почеток, јас работев во струката, во една фабрика. Платата беше солидна, но набрзо сфатив дека со обична плата и овде во Австралија, животот нема да биде многу подобар од Македонија, бидејќи трошоците за живот и не се така мали.

Затоа одлучива да се впуштам во нова авантура, да отворам свој бизнис и да се занимавам со трговија.

Во тие рани деведесети години од минатиот век, трговијата просто цветаше. Од ништо се правеше нешто. Работев по 12 до 15 часови на ден, но се исплатеше.

Во меѓувреме се занимавав и со изградба и препродажба на куќи, добро ми тргна.

Успеав да купам и сопствена куќа во Сиднеј, а подоцна купив и уште неколку недвижнини.

Сега ми се ближи пензијата и размислувам да се вратам, во родната грутка. Материјално сум обезбеден, но обезбедени се и моите деца, бидејќи недвижнините кои ги поседувам и ги рентам, носат пристојна сума пари за живот, која придонесува да не се чепка заштеденото.

Пораката од ова мое писание би била следна:

Иако јас во Австралија не работам во струката, да не беше дипломата од Машинскиот факултет, јас немаше да добијам иселеничка виза и немаше да имам можност да го живеам овој живот.

Затоа, би сакал да упатам апел до младите, да не го запоставуваат образованието, туку да се борат, во животот да се стекнат со што повисоки универзитетски достигнувања. Тоа е единствената виза за сите држави во светот, не само Австралија.”

Извор: Галама